Оддел 2

Трансплантација на хематопоетски матични клетки


Раководител

Науч. сор. д-р Александра Пивкова Велјановска


Советник на директор одговорен за овој оддел

Проф. Д-р Борче Георгиевски



ПОНЕДЕЛНИК
08:00-15:00
ВТОРНИК
08:00-15:00
СРЕДА
08:00-15:00
ЧЕТВРТОК
08:00-15:00
ПЕТОК
08:00-15:00







Тимот од лекари и останат медицински персонал што работи на Одделот за трансплантација е специјализиран и обучен во извршување на сите дијагностички и терапевтски интервенции, администрирање на современа хемотерапија, имунотерапија и останати протоколи од терциерно ниво на здравствена заштита во реализација на најсложената интервенција – трансплантација на хематопоетски матични клетки. Лекарите и медицинските сестри се едуцирани за сите процедури за извршување на сродна, несродна и полуидентична трансплантација на хематопоетски матични клетки во еминентни и акредитирани болници во Европа и НаучСАД (Германија, Грција, Словенија, САД итн). Тимот обезбедува 24 часовна хоспитализација и надзор на сите терапевтски процедури за болните кои се лекуваат со трансплантација на хематопоетски матични клетки

Одделот се наоѓа на првиот спрат на Клиниката за Хематологија заедно со останатите стационарни одделенија.

На стационарните одделенија е овозможена нега и грижа на пациентите во тек на 24 часа во тек на работните денови и викенди од страна на организирана дежурна служба составена од доктор, медицинска сестра и болничар. Одделението располага со 8 легла, 4 легла во еднокреветни соби со посебни санитарни чворови и систем на изолација и Хепа-филтриран воздух според стандарди за лекување со трансплантација на хематопоетски матични клетки и 4 легла со заеднички санитарен јазол.

Одделот за трансплантација на хематопоетски матични клетки (ТХМК) претставува посебна целина од простор, опрема и медицински кадар за извршување на високоспецијализирана здравствена заштита. Индикациите за лекување со трансплантација на хематопоетски матични клетки т.е најчести дијагнози за пацииенти кои се лекуваат на одделението се: акутна леукемија, мултипен миелом, малигни лимфоми (Хочкинови и Не-Хочкинови), апластична анемија, миелопролиферативни заболувања и други немалигни хематолошки болести, автоимуни заболувања, солидни тумори и останати не-хематолошки заболувања кои имаат потреба од лекување со трансплантација на хематопоетски матични клетки. Овој метод се користи на клиниката 19 години за лекување на болните и резултатите од целосно преживување и преживување без болест се споредливи со оние на европските центри за трансплантација на матични клетки и се презентирани и публикувани на сите значајни хематолошки симпозиуми и конгреси во САД, Европа и останатите земји од соседството. Првата интервенција е реализирана на 25.09.2000 година во соработка со хематолози од болницата Г. Папаниколау, Солун, Р. Грција, кај болен со акутна миелобластна леукемија. Од тој период до 2019 година реализирани се вкупно 500 трансплантации, од кои 116 алогени сродни трансплантации од фамилијарни сиблинзи и 384 автологни трансплантации. Во 2003 година тимот за трансплантација од ЈЗУ Универзитетска Клиника за хематологија стана рамноправен член на фамилијата на европски трансплантациски тимови од Европската група за трансплантација на матични клетки (ЕБМТ – European Bone Marrow Transplantation Association) со регистрациски број CIC 381.

На 04.11.2018 година на Одделот за трансплантација на хематопоетски матични клетки и ЈЗУ Универзитетска Клиника за хематологија се реализира првата трансплантација од несроден донор од Р.Полска, кај 23 годишен пациент со акутна миелоблстна леукемија.

На 19.01.2019 година се реализираше првата несродна трансплантација на матични клетки кај дете адолесцент, 13 години со несроден донор од Р.германија. Во тек на февруари 2019 се реализираше и полуидентична (хаплоидентична) трансплантација кај пациент со миелодиспластичен синдром. Интервенциите беа успешно извршени и пациентите се пуштени на домашно лекување и рехабилитација.

Дејности кои се извршуваат на Одделот за Трансплантација на хематопоетски матични клетки се:

    • Автологна трансплантација на хематопоетски матични клетки без криопрезервација
    • Автологна трансплантација на хематопоетски матични клетки со криопрезервација
    • Алогена сродна трансплантација на хематопоетски матични клетки
    • Алогена несродна трансплантација на хематопоетски матични клетки
    • Алогена полуидентична (хаплоидентична) трансплантација на хематопоетски матични клетки
    • Обработка и селекција на донор за алогена сродна и/или несродна трансплантација
    • Колекција на матични клетки од коскена срцевина во операциона сала
    • Одредување на квалитетот на графтовите од периферна крв и коскена срцевина
    • Следење на трансплантирани болни во ран и доцен постттрансплантациски период
    • Лекување со имуносупресивна терапија на трансплантирани болни со акутен и хроничен ГВХД
    • Администрирање на имунотерапија
    • Лекување на пациенти кои се испитуваат или лекуваат со лекови во клиничка фаза на испитување, најчесто во научно-истражувачки проекти.
    • Социјална грижа и психолошко згрижување на пациентите лекувани со трансплантација на хематопоетски матични клетки и нивните фамилии

Како дел од ЈЗУ Универзитетска Клиника за Хематологија на Одделот за Трансплантација на хематопоетски матични клетки се врши практична и теоретска, како и консултативна дејност од дел за настава на студенти по општа медицина, стоматологија, фармација, специјализанти по интерна медицина, хематологија и субспецијализанти по хематологија, како и за студенти од Високите медицински школи.

На Одделот за Трансплантација на хематопоетски матични клетки се почитуваат општите човекови права и сите правни прописи регулирани според актите на Етичката комисија при ЛКМ, МЛД и МФ- Скопје. Се користат современи тераписки протоколи и методи според препораките на Законот за здравствена заштита како и според протоколите од медицина базирана на докази.


ЈЗУ Универзитетска Клиника за Хематологија, Скопје © 2021 design by studio Kreatika