Blog

НОВОСТИ

IMG_1919-1200x800.jpg
25/Јан/2024

На Клиника за хематологија, денес свечено беше отворен првиот Центар за трансплантација на хематопоетски матични клетки.
Станува збор за ново изграден кат на Клиниката за Хематологија, исклучително важен капацитет за јавното здравство, со вкупна површина од 800 квадратни метри, 10 болнички соби со хепа филтриран воздух за третман со алогена сродна, несродна и делумноидентична трансплантација на хематопоетски матични клетки.

Амбасадата на САД преку Европската Команда на Американската Армија финансиски ја поддржаа изградбата на Центарот со еден милион долари. Останатите средства се обезбедени преку Фондот за здравствено осигурување, Министерството за здравство и Владата на Република Северна Македонија.

По овој повод свои обраќања имаа Проф. д-р Ирина Пановска Ставридис, Директорка на ЈЗУ Клиника за Хематологија, Н.Е. Ерик Мејер, Заменик Шеф на Мисијата на САД во РСМ, Славјанка Петровска, Министерка за одбрана, Д-р Фатмир Меџити, Министер за здравство и Артан Груби, Прв Заменик Претседател на Владата на РСМ.

Беше изразена благодарност што САД ја препозна посветеноста на надлежните за унапредување на јавно здравствените услуги што помогна во обезбедувањето на полноправно членство на Клиниката за Хематологија во Европската Група за трансплантација хематопоетски матични клетки. Без поддршката и на ФЗОМ, Министерството за здравство и Владата, ЈЗУ Клиника за Хематологија нема да можеше успешно да реализира една од најважните инвестиции во јавното здравство во последните години.

Со овој Центар за трансплантација на хематопоетски матични клетки се воведуваат највисоки европски и светски стандарди за лекување на најтешките хематолошки заболувања. Новиот капацитет има најмодерна медицинска опрема со која може да се третираат 120 нови пациенти годишно. Станува збор за Регионален Центар за трансплантација, кој освен за осигурениците на Северна Македонија, е оспособен за лекување пациенти и од Косово, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Албанија, каде овие интервенции сеуште не се воведени. За потребите на овој Центар планирани се 30 нови вработувања на медицински кадар на Клиниката за хематологија.

Трансплантацијата на хематопоетски матични клетки претставува најсложена билошка интервенција во хуманата медицина при која клетките на пациентот се заменуваат со матични клетки на здрав донор заради лекување на малигни хематолошки заболувања. За прв пат трансплантација од сроден донор на ЈЗУ Клиника за Хематологија е изведена во 2000 година. Новиот тераписки пристап со трансплантации на матични клетки од несроден донор и делумноидентични трансплантации се воведени во 2018 и 2019 година и заради оваа придобивка пациентите веќе неколку години немаат потреба да бидат испраќани на лекување во странство. Од 2018 до 2023 година се извршени вкупно 319 трансплантации. Од денес натаму оваа бројка се очекува да се зголеми минимум за двојно повеќе трансплантации во наредните неколку години.

Проф. Д-р Ирина Пановска Ставридис, истакна: „Силно верувам дека новиот Центар за трансплантација на хематопоетски клетки е симбол за враќање на довербата во јавното здравство. Со изградбата на овој центар покажуваме на дело дека имаме потенцијал да одговориме на сите предизвици со кои се соочуваме. Сите ние во одреден период од животот стануваме пациенти, но сега, како лекари достоинствено правиме историја во македонското здравство. Наша обврска е да го вложиме целиот расположив потенцијал во унапредување на здравствените услуги.
Можеме и ќе го сториме тоа, заради генерациите кои доаѓаат“.

 


KK2_6230a-1200x799.jpg
20/Сеп/2023

Македонското хематолошко здружение, во средината на септември, 2023 го одржа Третиот меѓународен Конгрес на кој присуствуваа врвни водечки експерти од светски реномирани центри за хематолошки заболувања.

Главниот фокус на оваа конференција беа хематолошките малигни заболувања, област каде што е постигнат најголем напредок во последните години, со голема промена во терапевтските опции и развој на нови биолошки и имунолшки таргетирани терапии и експанзија во развој на клеточни терапии. Голем интерес привлече и сесијата на која беа презентирани последните Европски водичи за справување со тромбозата асоцирана со канцер (ESMO guidelines), од нивиот автор проф. Героцифас од Универзитетот Сорбона, Париз, Франција.

Проф. д-р Ирина Пановска Ставридис, директорка на Клиниката за хематологија, која беше ко-претседавач на конгресот, заедно со акад. Димитар Ефремов, изјави дека конгресот зборува за успешноста и реномето на Клиниката и дека привилегијата Скопје да ги пречека водечките европски хематолози е потврда плус за серизоноста и посветеноста кон работата на македонските хематолози.

На конгресот беа презентирани актуелните случувања во областа и беа споделени најновите достигнувањата во управувањето со пациентите со хематолошки заболувања.

– Основната цел на Македонското хематолошко здружение е да обезбеди континуирана едукација на нашите членови со што дополнително ја подобруваме македонската медицинска наука и го унапредуваме воспоставувањето на добра клиничка пракса. Силно верувам дека овој конгрес беше исклучителна можност за сите нас да го освежиме своето знаење, да го подигнеме нивото и дополнително да ја потврдиме нашата клиничка пракса преку презентација во живо на најновите податоци за современите дијагностичките и прогностички модели, како и за последните актулени модалитети за лекување и справување со малигните хематолошки болести, од кои дел се сѐ уште во развој, за што навистина се чуствуваме привилегирани – изјави д-р. Пановска Ставридис.

Проф. Димитар Ефремов е поранешен експерт од Клиниката за хематологија во Скопје, а долги години работи во Италија.

– Ме радува фактот дека имаше повеќе од 170 пријавени учесници, не само од Северна Македонија, туку и од повеќето соседни земји. Имаше предавања од 30 меѓународно познати експерти кои дојдоа од цела Европа, вклучувајќи ги Италија, Франција, Германија, Австрија, Унгарија, Шпанија, Грција, Турција, Обединетото Кралство, и опфатија различни аспекти поврзани со управувањето со пациенти со хематолошки заболувања. Ова само зборува за напредокот и угледот кој го има Клиниката за хематологија и нашите експерти кои работат во неа – изјави проф. д-р. Ефремов.

Успешноста на конгресот е уште еден доказ за посветеноста на стручњаците од оваа област да придонесат и во науката и во практиката и можност за напредок во лекувањето на хематолошките пациенти.

Македонските хематолози преку своите презентации и предавања покажаа колку многу оваа област напреднала во изминатите пет години.


05/Дек/2022

И покрај зголемувањето на бројот на нови пациенти со лимфом во светот, во Северна Македонија се намалува бројот на заболени од оваа малигна болест. Причината е што пациентите ги занемаруваат симптомите и не се појавуваат на редовни контроли.
Погледнете го прилогот: https://www.youtube.com/watch?v=6xJ7fsMEvhs

1-1200x900.jpg
09/Ное/2022

Делегација од Европската команда на армијата на САД, денеска ја посети ЈЗУ Клиника за Хематологија, каде интензивно се гради вториот кат, со  средства од програмата за помош Европска команда на Американска војска, обезбедени  преку амбасадата на САД во нашата земја во висина од милион долари. Оваа сума е наменета за проширување на капацитетите за хоспитализација, односно надградба на уште еден спрат.

Новиот капацитет, заедно со воспоставените најсовремени методи за лекување и медицинска грижа, нудат можност клиниката да му служи не само на македонскиот јавен здравствен систем, туку истовремено го етаблира на врвот на најзначајните центри за лекување на хематолошки болести во поширокиот регион.

Оваа инвестиција е огромно олеснување за секојдневното просторно функционирање на Клиниката и на пациентите, ако се земе предвид фактот дека искористеноста на стационарот во последните неколку години е повеќе од сто отсто и секојдневно се бара кревет повеќе. Благодарение на донацијата од САД, на Хематологија годишно ќе се примаат 70 нови пациенти со малигни болести за кои досега немаше место.

Финансиската помош е признание на САД за потенцијалот што го носи менаџерскиот и лекарскиот тим на ЈЗУ Клиника за Хематологија Скопје.

Директорката на Клиниката д-р Ирина Пановска Ставридис вели дека согласно динамичкиот план за реализација, новиот спрат да биде ставен во употреба за во јуни идната година.

На новиот оддел, годишно ќе бидат лекувани најмалку 50 до 60 пациенти од нашата земја и 10 до 15 од соседните земји, кои досега не можевме да ги прифатиме заради немање просторни услови. Тоа се пациенти со малигни хематолошки болести, една од најранливите групи на пациенти. Клиниката за Хематологија сега е на мапата на светските и европските медицински центри за лекување на најтешките болести на крвта. Со оваа донација, Хематологија доби додадена вредност од техничка гледна точка, простор и опрема со која дополнително ќе се подобри медицинската услуга за пациентите. Со почеток со работа на новото одделение, на пациентите ќе им биде ставено на располагање се што поседуваат и нудат најсовремените центри од ваков вид”, вели директорката Проф.д-р Пановска-Ставридис.


1-1200x1200.jpg
16/Сеп/2022

„Не можеме да чекаме“ е годинешниот слоган на светската кампања за подигнување на свесноста на населението за малигното заболување лимфом, која почнува на 15 септември, а во која се вклучува и Универзитетска клиника за Хематологија.
Целта на кампањата „Не можеме да чекаме“ е да апелира до јавноста, навреме да ги препознае симптомите на ова заболување затоа што раното дијагностицирање на лимфомот значи можност за живот и излекување.
Лимфом е малигна болест на имуниот ситем, која во последните две децении бележи зголемен број на заболени во светот, но и во земјава. Во светот на секои 90 секунди се дијагностицира по еден нов случај со лимфом.
Кампањата „Не можеме да чекаме“ праќа три многу важни пораки: првата е дека јавноста треба да се грижи за своето здравје и навреме да ги препознае симптомите, второ, навреме да се дијагностиција болеста и трето, навреме да се почне со третман, затоа што поради сериозноста на болеста лицата со лимфом немаат време да чекаат.
Од Клиниката за хематологија велат дека бројот на откриени случаи на лимфом во земјава опаднал за дури за 38 проценти за последните две години, пандемијата од Ковид-19 влијаела и на третманот и на дијагностицирањето на лимфомите.
Директорката на Клиниката за хематологија, Ирина Пановска- Ставридис вели дека една од најважните пораки на кампањата „Не можеме да чекаме“, е информирањето на граѓаните, да ги препознаат симптомите и да побараат навреме помош од лекар.
Универзитетска клиника за хематологија, заедно со Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување, во интерес на пациентите, со цел да се скрати времето на дијагностика, да се приближат дел од дијагностичките методи до местото на живеење на пациентите, работат на проект со кој ќе мапираат здравствени капацитети за рана дијагностика на лимфоми.

IMG_7987-1.jpg
01/Дек/2021

Ни представува особена чест и задоволство да ве поканиме на, “1ва РАБОТИЛНИЦА ЗА ТРАНСПЛАНТАЦИЈА НА СОЛИДНИ ОРГАНИ/ТКИВА И КОСКЕНА СРЦЕВИНА ВО РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА: ДОСТИГНУВАЊА И ИДНИ ПЕРСПЕКТИВИ“.
Работилницата ќе биде организиранa како хибриден состанок. Дел од учесниците ќе се сретнат во Луксузен Хотел Лимак, Скопје, на 10ти и 11.12.2021г., а останатите ќе го следат виртуелно состанокот.

Овој настан е организиран од страна на Здружението на Хематологија на Македонија и Националниот Координатор за Трансплантација на Р.Северна Македонија, во соработка со Македонското Здружение за Имуногенетика и е под покровителство на Министерството за Здравство на Р.Северна Македонија и Министерот Венко Филипче.

Повеќе информации за настанот


1-1200x800.jpg
15/Окт/2021

Под мотото „Биди срцевина, биди херој“ за време на најголемиот спортски настан во земјава Скопскиот маратон, од ЈЗУ Клиника за хематологија – Скопје успеаа да мотивираат 103 доброволци кои се подготвени да даруваат коскена срцевина.

Целта на оваа акција, поддржана од Министерството за здравство, е преку хуманост и преку донирање крв да се зголеми бројот на дарители и да се подигне свеста за важноста од донацијата на коскена срцевина.

Министерот за здравство Венко Филипче, кој воедно се запиша во регистарот на дарители изјави дека е многу важна солидарноста како и можноста секој кој може да спаси човечки живот.

“Фокусирани сме на многу важни сегменти во здравствениот систем. Особено сум горд на успесите во последните три години, кога со кадаверичната трансплантација на органи и трансплантирањето на коскена срцевина од несроден дарител спасивме многу животи. Преку трчањето на Скопскиот маратон, симболично го потенциравме значењето на донирањето. Им благодарам на сите кои ја поддржаа оваа акција, како и на сите кои се пријавија во Националниот регистар на донори, тие се вистинските херои на ова време”, вели министерот за здравство Венко Филипче.

Од клиниката за Хематологија, велат дека акција поминала и подобро од очекувањата.

Лекарите изразија голема благодарност до граѓаните кои станаа нечии херои и се подготвени да спасат живот со дарување коскена срцевина.

Со зголемување на бројот на доброволни дарители во Дарителскиот регистар за коскена срцевина се зголемуваат и шансите за пронаоѓање на соодветен дарител за пациентите за кои единствен спас е трансплантација на матични клетки.

“Не мора да сте во добра кондиција и да истрчате 5 километри, но можете да бидете храбар и да се запишете се во регистарот на Институтот за имунологија. Треба само да  оставете една епрувета крв која ќе се типизира и потоа влегувате во софтверски систем како потенцијален дарител на коскена срцевина, која за многу хематолошки болести е единствен лек. Дарувањето коскена срцевина е комплетно сигурна процедура која може да спаси човечки живот.”, изјави директорката на Клиниката за хематологија д-р Ирина Пановска-Ставридис.


hematologija-1-696x464-1-696x430-1.jpg
15/Ное/2020

Во името на ЈЗУ Универзитетската Клиника за хематологија-Скопје, ми претставува  огромно задоволство да споделам со јавноста уште една убава вест, официјален почеток на изградбата на дополнителен просторен капацитет на постојната зграда на клиниката...


ЈЗУ Универзитетска Клиника за Хематологија, Скопје © 2021 design by studio Kreatika