НА КЛИНИКАТА ЗА ХЕМАТОЛОГИЈА Е ОТВОРЕН ПРВИОТ РЕГИОНАЛЕН ЦЕНТАР ЗА ТРАНСПЛАНТАЦИЈА НА ХЕМАТОПОЕТСКИ МАТИЧНИ КЛЕТКИ

јануари 25, 2024од Hematologija0Новости

НА КЛИНИКАТА ЗА ХЕМАТОЛОГИЈА Е ОТВОРЕН ПРВИОТ РЕГИОНАЛЕН ЦЕНТАР ЗА ТРАНСПЛАНТАЦИЈА НА ХЕМАТОПОЕТСКИ МАТИЧНИ КЛЕТКИ

јануари 25, 2024 од Hematologija0
IMG_1919-1200x800.jpg

На Клиника за хематологија, денес свечено беше отворен првиот Центар за трансплантација на хематопоетски матични клетки.
Станува збор за ново изграден кат на Клиниката за Хематологија, исклучително важен капацитет за јавното здравство, со вкупна површина од 800 квадратни метри, 10 болнички соби со хепа филтриран воздух за третман со алогена сродна, несродна и делумноидентична трансплантација на хематопоетски матични клетки.

Амбасадата на САД преку Европската Команда на Американската Армија финансиски ја поддржаа изградбата на Центарот со еден милион долари. Останатите средства се обезбедени преку Фондот за здравствено осигурување, Министерството за здравство и Владата на Република Северна Македонија.

По овој повод свои обраќања имаа Проф. д-р Ирина Пановска Ставридис, Директорка на ЈЗУ Клиника за Хематологија, Н.Е. Ерик Мејер, Заменик Шеф на Мисијата на САД во РСМ, Славјанка Петровска, Министерка за одбрана, Д-р Фатмир Меџити, Министер за здравство и Артан Груби, Прв Заменик Претседател на Владата на РСМ.

Беше изразена благодарност што САД ја препозна посветеноста на надлежните за унапредување на јавно здравствените услуги што помогна во обезбедувањето на полноправно членство на Клиниката за Хематологија во Европската Група за трансплантација хематопоетски матични клетки. Без поддршката и на ФЗОМ, Министерството за здравство и Владата, ЈЗУ Клиника за Хематологија нема да можеше успешно да реализира една од најважните инвестиции во јавното здравство во последните години.

Со овој Центар за трансплантација на хематопоетски матични клетки се воведуваат највисоки европски и светски стандарди за лекување на најтешките хематолошки заболувања. Новиот капацитет има најмодерна медицинска опрема со која може да се третираат 120 нови пациенти годишно. Станува збор за Регионален Центар за трансплантација, кој освен за осигурениците на Северна Македонија, е оспособен за лекување пациенти и од Косово, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Албанија, каде овие интервенции сеуште не се воведени. За потребите на овој Центар планирани се 30 нови вработувања на медицински кадар на Клиниката за хематологија.

Трансплантацијата на хематопоетски матични клетки претставува најсложена билошка интервенција во хуманата медицина при која клетките на пациентот се заменуваат со матични клетки на здрав донор заради лекување на малигни хематолошки заболувања. За прв пат трансплантација од сроден донор на ЈЗУ Клиника за Хематологија е изведена во 2000 година. Новиот тераписки пристап со трансплантации на матични клетки од несроден донор и делумноидентични трансплантации се воведени во 2018 и 2019 година и заради оваа придобивка пациентите веќе неколку години немаат потреба да бидат испраќани на лекување во странство. Од 2018 до 2023 година се извршени вкупно 319 трансплантации. Од денес натаму оваа бројка се очекува да се зголеми минимум за двојно повеќе трансплантации во наредните неколку години.

Проф. Д-р Ирина Пановска Ставридис, истакна: „Силно верувам дека новиот Центар за трансплантација на хематопоетски клетки е симбол за враќање на довербата во јавното здравство. Со изградбата на овој центар покажуваме на дело дека имаме потенцијал да одговориме на сите предизвици со кои се соочуваме. Сите ние во одреден период од животот стануваме пациенти, но сега, како лекари достоинствено правиме историја во македонското здравство. Наша обврска е да го вложиме целиот расположив потенцијал во унапредување на здравствените услуги.
Можеме и ќе го сториме тоа, заради генерациите кои доаѓаат“.

 


Оставете Одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *


ЈЗУ Универзитетска Клиника за Хематологија, Скопје © 2021 design by studio Kreatika