НОВ ОДДЕЛ НА КЛИНИКАТА ЗА ХЕМАТОЛОГИЈА

ноември 14, 2020од Админ0Новости

НОВ ОДДЕЛ НА КЛИНИКАТА ЗА ХЕМАТОЛОГИЈА

ноември 14, 2020 од Админ0
hematologja-donacija-sad-14.11-2020.jpg

Со новиот оддел на Клиниката за хематологија, годишно ќе се помогне на 100 македонски пациенти и 20 од странство, за разлика од досега кога може годишно да се прават по 50-60 трансплантации годишно, рече денеска директорката на Клиниката, д-р Ирина Пановска-Ставридис. Таа заедно со американската амбасадорка во земјава Кејт Мари Брнз и министерот за здравство Венко Филипче ја најавија донацијата од 800.000 долари од Европската команда на Армијата на САД.

Амбасадорката Брнз кажа дека донацијата ќе се искористи за реновирање на Клиниката и ќе се надгради еден спрат, со што ќе се прошират капацитетите за хоспитализација на пациенти со хематолошки болести во рамки на Клиниката.

„Кога пред три години бев назначена за директорка, имав визија да направиме современа експертска клиника која ќе работи по светски стандарди. Токму со оваа донација се заокружува процесот на реновирања, што заедно со веќе воведените нови и современи методи за лекување, прави нашата Клиника да прерасне во регионален центар за лекување на пациентите со малигни хематолошки заболувања. Досега, Клиниката имаше капацитет да спроведува 50-60 трансплантации годишно и притоа пациентите од регионот кои бараа здравствена помош кај нас многу често не можевме да ги прифатиме, бидејќи немавме просторни услови. Сега со новоизградниот оддел, ние прераснуваме во регионален центар“, кажа д-р Пановска-Ставридис.

Таа додаде дека во време на пандемијата на ковид-19 и најголема здравствена криза на современиот свет, навремената дијагностика и третман се клучни за пациентите со хематолошки заболувања.

Министерот Филипче се заблагодари за сета помош од САД досега, и како што рече, Американската амбасада во Скопје беше прва која пружи помош на почетокот на коронакризата. Амбасадорката Брнз, меѓудругото, ѝ честиташе на директорката за проектот од Клиниката за хематологија од Скопје кој беше одобрен и избран да биде финасиран во следните две години од Меѓународниот центар за генетски инженеринг и биотехнологија (ИЦГЕБ) во Трст, Италија.

Проектот предводен од директорката на Клиниката, беше во сериозна конкуренција од 38 меѓународни поднесоци на научно-истражувачки проекти во областа на ковид-19.


Оставете Одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *


ЈЗУ Универзитетска Клиника за Хематологија, Скопје © 2021 design by studio Kreatika